В.Д. организациската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, го зголеми долгот на инстутуцијата, не доаѓа на работа и не потпишува клучни документи, се дел од проблемите за кои преку писмо до медиумите реагираа вработени од оваа Клиника.
Иљази беше назначена на 14 февруари, на ден пред формирање техничка влада, а вработените реагираат дека била поставена иако не ги исполнува условите пропишани со закон за директори, и оттогаш се случува дезорганизација, а не организација.
Поточно, од нејзиното назначување за помалку од два месеца долгот на клиниката го зголеми за приближно два милиона денари, со дневно работно време од 4 часа и 30 минути, поточно на работа доаѓа во 10 часот, а работното време ѝ завршува во 14:30. Исто така, клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в. д. директорката не сака да потпише затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално Клиниката два месеца не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани. Поради одбивање да потпише согласност за договор на дело за двајца дипломирани биолози, токсиколошката лабораторија веќе два месеца не врши валидација на издадените резултати“, се вели во писмото.
Минатиот месец медиумите објавија дека новоназначената економска директорка на Клиниката за токсикологија, Иљази не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника.
Како што неофицијално дознава „СДК.мк“ од извори на Клиниката, медицинскиот директор, д-р Данил Петровски трпи големи притисоци од министерот за здравство Илир Демири да потпише вработување на 18 лица на кои им истекле договорите на дело на 31.12.2023. Директорот одбивал да потпише, согласно насоките од Министерството за финансии, дека Македонија е во изборен период и дека треба да се почитуваат забраните утврдени во член 8-а и 8-б од Изборниот законик и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Сите спроведени или неспроведени активности за време на предизборниот период се одговорност на одговорните лица во соодветните институции.