Дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што вчеравечер во пожар загинаа 59 лица на возраст од 14 до 30 години, работела со фалсификувана лиценца, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, објектот повеќе од една година немал валидна дозвола за работа, но функционирал поради корупција и мито.
- „Осомничени се повеќе од 20 лица, а околу 15 се приведени. Дел од осомничените се починати, некои се во болница. Приведени се лица кои имаат директна вина за овој трагичен настан, меѓу кои е и организаторот на концертот. Притворени се и поранешен државен секретар во Министерството за економија, раководител во истиот ресор, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и тројца вработени во оваа институција,“ изјави Тошковски.
Тој додаде дека сите лица по кои беше издадена потерница се пронајдени.
- „За разлика од порано, сега одговорните имаат име и презиме. Тие што нелегално издале лиценци ќе одговараат“, истакна министерот, но нагласи дека истрагата е во рана фаза и засега не може да открие повеќе детали.
Во моментот на несреќата, во дискотеката имало 500 посетители, иако биле продадени само 250 билети. Според информациите, меѓу присутните имало и малолетни лица, од кои 20 се повредени, а тројца загинале.
Во пожарот што избувна околу 2 часот за време на концертот на групата ДНК, повредени се 155 лица, кои се хоспитализирани во различни болници низ државата. Од нив, 27 се во критична состојба, а 13 се транспортирани во Солун.
Дискотеката „Пулс“ во Кочани однеси многу млади животи. Потврдено е дека загинатите лица се од Скопје, Штип, Кочани и Пробиштип. Истрагата продолжува.