Советот на Град Скопје по 13-часовна седница, што траеше до доцна во ноќта, едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на цементарница „Усје“, поднесена од „Зелен хуман град“, со што Владата сега треба да го разгледа начинот за започнување на постапката.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски, по усвојувањето на заклучоците изјави дека работата е успешно завршена.

„Да заклучам дека ги донесовме заклучоците и ви честитам на успешната заедничка работа“, изјави Димитровски.

Заменик-градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека Град Скопје веднаш ќе ги достави материјалите до надлежните институции.

„Јас сакам да ви честитам на заклучоците и да ве информирам дека откако ќе ги добиеме официјално материјалите како Град Скопје веднаш ќе бидат доставени до сите оние релевантни институции кои што се споменати“, рече Ѓорѓиевски.

ДИСЛОКАЦИЈА НА ЦЕМЕНТАРНИЦА „УСЈЕ“

Меѓу усвоените заклучоци е и оној со кој градоначалникот треба да побара од Владата да разгледа постапка за дислокација на „Усје“ и други загадувачи надвор од скопската котлина. Со тоа, Владата е следната институција што треба да одлучува за понатамошните чекори.

Во исто време, новиот министер за животна средина, Мухамед Хоџа, денеска свикал итна координација, порачувајќи дека борбата против аерозагадувањето е приоритет и дека ќе има нула толеранција за загадувачите.

„Побарав од директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Гиновска информации во врска со надзорот на работењето на Усје, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството. Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозволи“, рече Хоџа.

Паралелно со синоќешната седница на Советот, во Скопје се одржа протест организиран од Здружението „Стоп за Усје“. Граѓаните, преку десет барања меѓу кои и дислокација на цементарницата, ги блокираа булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ и протестираа на околу 100 метри од главниот влез на фабриката, сметајќи дека „Усје“ е најголемиот загадувач на воздухот во градот.

„Без разлика што е странска компанија, странски Борд на директори, што овие како ќе си одат и ќе ни остават траг, сепак има луѓе тука што тоа го одобруваат, што Усје дали преку легални начини, дали преку поткупување, или дали преку одредени кампањи сепак се претставува дека е сосема ок организација“, велат од Здружението „Стоп за Усје“.

Од компанијата „Титан-Усје“ ги отфрлија обвинувањата дека се главен виновник за загадувањето и наведоа дека причините се на друго место, тврдејќи дека работат согласно најдобрите достапни техники и стандардите на Европската Унија и дека се под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина.

„Последниот увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина, институција која е надлежна за сите инсталации со А – Интегрирана еколошка дозвола, беше извршен на 18 декември 2025 година, при што инспекцијата повторно утврди дека нема отстапувања од законски дозволените лимити“, велат од „Титан Усје“.

Во јавноста реагираше и поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која обвини дека Јавното обвинителство и по три години нема постапено по кривичната пријава поврзана со загадувањето што, според неа, било утврдено кај „Титан Усје“.

Додека надлежните институции најавуваат активности за заштита на граѓаните од загадениот воздух, од Здружението „Стоп за Усје“ најавија дека по празниците ќе ги интензивираат своите активности, оценувајќи дека ова е почеток на крајот за цементарницата.