Површината на дивата депонија во Карпош, каде што со години неконтролирано се фрлаше смет и се палеа кабли, се преуредува во нов мега-парк со површина од 86.000 квадратни метри. Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски изврши увид на локацијата, најавувајќи обемно зеленило, урбана опрема, рекреативни игралишта, содржини за деца и посебна хидрантска мрежа за одржување.
Екипите на терен целосно го подигнаа наталожениот отпад и го отстранија површинскиот контаминиран слој на земјиштето. Во оваа фаза се врши насипување чиста плодна земја за соодветно уредување на зеленилото.
„Токму ова место со години беше огромна дива депонија, слика што потсетуваше на Вардариште“, објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски посочи дека просторот со години претставуваше еколошка опасност поради палењето отпад и ширењето чад кон околните населби, обвинувајќи ги за долгогодишната состојба претходните градски раководства.
