Институтот за судска медицина „Милован Миловановиќ“ денеска до Вишото јавно обвинителство во Белград доставил извештај за идентификација на останките што беа пронајдени на 21 мај 2026 година во буре, кое било ископано на Сењак, пренесува Н1.
Според обвинителството, со ДНК анализата е утврдено дека станува збор за Александар Нешовиќ – Баја, чие исчезнување било пријавено на 13 мај 2026 година.
Поради кривичното дело тешко убиство извршено врз А. Н. на 12 мај 2026 година во ресторанот „27“, како и поради други кривични дела поврзани со случајот, Вишото јавно обвинителство во Белград спроведува обемна истрага против 11 лица.
Телото било пронајдено на 21 мај во буре на територијата на општина Инџија, во присуство на јавни обвинители на Вишото јавно обвинителство.
Нешовиќ, познат како Баја, имал сериозно криминално досие, а наводно бил убиен во ресторанот „27“ во Сењак. Сомнежите се дека бил застрелан од Саша Вуковиќ, познат како Бошке, во присуство на поранешниот началник на белградската полиција, Веселин Милиќ.
Според досегашните информации, Милиќ, заедно со уште тројца полицајци од неговото обезбедување, учествувал во отстранувањето на трагите од злосторството.
Притвор е одреден за 11 лица, меѓу кои и за поранешниот началник на полицијата Веселин Милиќ. Тој е обвинет за кривичните дела непријавување кривично дело и помагање на сторителот по извршувањето на злосторството, со цел прикривање на тежок обид за убиство.
