Доброволното противпожарно друштво од Кочани ја одбележува првата годишнина од инцијативата за формирање, откако минатата година негови сегашни членови учествуваа во гаснењето на големите шумски пожари околу градот.
Претседателот на друштвото, Златко Илијев на прес-конференција истакна дека во текот на едногодишниот период пожарникарите волонтери биле вклучени во повеќе акции за спасување имоти од пожари и други катастрофи, со што се оправдува потребата од оформувањето.
-Сите се сеќаваме на минатогодишното илинденско празнување кога огромни шумски пожари ги зафатија околните ридови над Кочани, при што настрадаа куќи и други објекти, а огнот се закануваше да се прошири кон градот. Јас со мои пријатели, како граѓани учествувавме во гаснењето, со што се роди и идејата да формираме доброволно друштво. Во изминатиот едногодишен период дејствувавме заеднички со Територијалната противпожарна единица, имавме педесетина интервенции во кои учествуваа околу 160 волонтери на терен. Помагавме при пожари, поплави, сообраќајни несреќи, а се вклучивме и во хуманитарни проекти, акции за пошумување и други еколошки активности. Задоволни сме од постигнатото и сите доброволци остануваме истрајни во исполнувањето на визијата и мисијата за дејствување на Друштвото. Имаме 50 активни членови кои се поделени во две екипи, при што наизменично излегуваат на терен или се логистичка поддршка на своите колеги, истакна Илијев.
Во текот на едногодишниот период од дејствувањето, друштвото ја обезбеди основната опрема и униформи за интервенции на пожарникарите, од Општина Кочани доби објект за свое седиште, а неодамна беше прифатена годишната програма за работа која со ребалансот на општинскиот буџет ќе добива редовна финансиска поддршка. Главен приоритет во претстојниот период за волонтерите е набавката на соодветно интервентно возило, за што во тек е донаторска акција.
Доброволното противпожарно друштво потпиша договори за соработка и со соседните општини Виница, Македонска Каменица и Зрновци, по што се вклучи во интервенции на пожари на нивна територија.