Државна награда „Гоце Делчев“ беше свечено доделена денеска во Собранието на Република Македонија. Наградата е за значајни остварувања во областа на науката. Оваа престижна награда им беше врачена на група автори за нивното научно дело „Македонски дијалектен атлас.
Добитници на наградата се: проф. д-р Веселинка Лаброска, академик и проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, постхумно на проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова.
На доделувањето присуствуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Таа истакна дека со оваа награда се оддава општествено признание. Признание за особено значајни остварувања во сите области од науката од интерес на Македонија. Нагласи дека државата има должност да создава услови за напредок на науката, истражувањето и иновациите. Со тоа да помага во креирањето на глобалните позитивни промени.
122 години од смртта на Гоце Делчев – бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава
Претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, академик Живко Попов, им го врачи признанието на годинашните добитници. Од името на наградените се обрати проф. д-р Веселинка Лаброска, која истакна дека авторите на овој атлас претставуваат пример за сплотеност и соработка меѓу Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) при МАНУ.
Ова признание ја потврдува важноста на македонскиот јазик и неговото лексичко богатство, како и долгогодишната ангажираност на дијалектолозите во овој значаен проект за македонистиката и славистиката.
Извор: Миа