Ниту по денешната координација на собранискиот спикер Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи во Собранието не е познато на која собраниска комисија ќе биде презентиран договорот што земјава го склучи со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
Единствено што е познато е дека договорот ќе биде презентиран на комисиска седница која ќе биде затворена за јавноста, а на неа ќе може да присуствуваат само пратеници кои поседуваат безбедносен сертификат.
Во соопштението на собраниската прес-служба се наведува оти ставот на присутните на денешната координација во Собранието е дека опозицијата е таа која треба да предложи тело во кое ќе биде разгледан договорот со „Бехтел и Енка“, оти, како што се вели, иницијативата за разгледување на договорот ја предложи токму опозицијата.
„Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација, опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста“, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.
Непосредно пред собраниските прес-служби да го испратат соопштението во врска со координацијата на Џафери со претставниците на пратеничките групи, пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во објава на Фејсбук напиша дека нема дилеми оти Комисијата за транспорт е надлежно тело кое разгледува материјали за изградба на инвестициски објекти во транспортот и патниот сообраќај.
Секоја друга импровизација, вели Милошоски, ќе биде само уште еден обид овој договор да се држи во тајност.
„Во Собранието денеска владејачкото мнозинство ќе се обиде на координација да наоѓа изговори како пратениците да не го добијат коруптивниот договор за прескапите автопати и на која Комисија би требало да се разгледува. Иако за втората тема нема дилеми, Комисијата за транспорт е надлежното работно тело кое разгледува материјали за изградба на инвестициски објекти во транспортот и патниот сообраќај. Секоја друга импровизација ќе биде само уште еден обид овој договор да се држи во тајност“, пишува Милошоски на Фејсбук.
Oпозицискиот пратеник ја објави и листата на надлежности на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија која е надлежна да разгледува прашања што се однесуваат на:
патниот, железничкиот, речниот, езерскиот, воздушниот, поштенско-телеграфскиот, телефонскиот и радиосообраќајот;
жичниците и ски-лифтовите;
системите на телекомуникации и радиодифузниот систем;
изградбата на инвестиционите објекти во областа на транспортот и телекомуникациите;
просторното и урбанистичкото планирање;
уредувањето на градежното земјиште;
станбеното и комуналното стопанисување;
заштитата и унапредувањето на животната средина, природата, воздухот, земјата и водите од загадување;
обезбедување услови за здрава животна средина;
спречување на штетната бучава;
заштитата од јонизирачко зрачење и други штетни дејства по животот и здравјето на луѓето и посебните мерки на сигурност при употреба на нуклеарна енергија;
воспоставување меѓународна соработка за прашања кои се однесуваат на транспортот, врските, урбанизмот и екологијата и
други прашања што се однесуваат на транспортот, врските, урбанизмот и екологијата
Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, пред две недели побараа од премиерот Димитар Ковачевски да им го достави класифицираниот договор со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.