Минимално поскапување на струјата

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека, ако дојде до зголемување на цената на електричната енергија, тоа ќе биде минимално и ќе се движи меѓу 1 и 3 проценти. Овие проценки се засноваат на актуелната ситуација со производството и набавката на енергија, вклучувајќи ја и стабилизацијата на ЕСМ, ископот на јаглен во РЕК Битола, како и набавката на јаглен по 20% пониска цена и поевтиниот гас.

„Не очекувам да има драстично поскапување од 10, 15 или 20 проценти, како што е случај во многу европски земји. Ако има, тоа ќе биде скромно, во рамки од 1 до 3 проценти,“ изјави премиерот Мицкоски.

Клучен фактор – понудата на ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоум

Колкави ќе бидат сметките за струја на граѓаните во голема мера зависи од цената што ЕСМ ќе ја понуди на тендерот на ЕВН Хоум, кој ќе се одржи во петок. ЕСМ моментално ја продава струјата на Универзалниот снабдувач по 60 евра за мегават час, а според Мицкоски, новата цена веројатно ќе се движи меѓу 58 и 62 евра.

„Цената на струјата што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот ќе биде околу сегашната, плус или минус две евра,“ рече премиерот.

Нова цена од јануари, но и неизвесност околу дневната евтина тарифа

Новата цена на струјата ќе важи од 1 јануари. Меѓутоа, сè уште не е познато дали ќе биде продолжена евтината дневна тарифа, која сега трае од 13 до 15 часот, но за која се разгледува можноста да биде продолжена до 16 часот.

Обврска за пристап до мрежата – предизборно ветување за укинување

На почетокот на годината беше воведена фиксна такса од 200 денари за „пристап до мрежа“. Оваа ставка беше предмет на критики и беше дел од предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, кои ветија дека ќе ја укинат.