Петте регистрирани случаи на морбили во земјава се сериозно предупредување за состојбата со имунизацијата, особено поради континуираното намалување на опфатот со МРП-вакцината кај децата. Македонскиот епидемиолог и универзитетски професор д-р Драган Даниловски, во опширна објава на Facebook, предупредува дека проблемот е многу поголем од бројот на досега регистрирани заболени и отвора прашања за навременоста и ефикасноста на институционалните мерки.

Според податоците од годишниот извештај на Институтот за јавно здравје, на кои се повикува Даниловски, опфатот со првата доза од МРП-вакцината во 2025 година изнесувал само 62,7 проценти, наспроти 72,7 проценти во 2024 и 73,4 проценти во 2023 година.

„Во епидемиологијата, значењето на една бројка не се определува само според нејзината големина. Понекогаш, многу поважно е што таа ни кажува за состојбата во популацијата“, посочува Даниловски.

Тој потсетува дека морбилите се меѓу најзаразните инфекции и дека едно заболено лице, во целосно осетлива популација, може да зарази во просек од 12 до 18 други лица. За спречување на ширењето на вирусот потребен е вакцинален опфат од најмалку 95 проценти, со две дози и рамномерна заштита меѓу населението.

Иако опфатот со втората доза во 2025 година достигнал 84,7 проценти, Даниловски предупредува дека голем број деца не ја примаат првата доза навреме. Тој појаснува дека процентите за двете дози се однесуваат на различни целни групи, но сепак укажуваат на сериозен проблем.

Според него, една од причините за намалената вакцинација е губењето на довербата, особено поради ширењето дезинформации на социјалните мрежи. Како пример го наведува советот вакцинацијата да се одложи додека детето не прозбори, за кој нагласува дека нема научна основа.

Сепак, Даниловски смета дека би било погрешно одговорноста да се бара исклучиво кај родителите.

Не секое невакцинирано дете, посочува тој, има родители што ја одбиваат вакцинацијата. Дел од децата ги пропуштаат вакцините поради недоволно информирање, организациски пречки, пропуштени термини или недоволно активно следење од здравствените служби.

Во својата анализа, епидемиологот се осврнува и на активностите што биле преземени во изминатите две години.

Во пролетта 2025 година била спроведена теренска кампања за имунизација, при што здравствените тимови посетиле 3.394 домаќинства во 174 села, 15 градови и 19 општини. Паралелно се работело и на Националната стратегија за имунизација 2026–2030, ажурирање на плановите за спречување на заразни болести и подготовка на нови процедури.

Даниловски ги оценува овие активности како важни, но укажува дека националниот опфат со првата доза од МРП-вакцината, и покрај преземените мерки, продолжил да се намалува.

Тој нагласува дека самиот пад на опфатот не докажува дека теренската кампања била неуспешна, но смета дека резултатите бараат дополнителна анализа и преиспитување на ефективноста на мерките.

Во октомври 2026 година, Институтот за јавно здравје повторно апелирал до родителите да го проверат вакциналниот статус на децата и да ги надоместат пропуштените дози. По регистрирањето на новите случаи, здравствените власти започнале епидемиолошки истражувања, следење на контактите и активности за спречување на ширењето на инфекцијата.

Сепак, според Даниловски, клучното прашање е зошто здравствениот систем не успеал навреме да го запре падот на вакцинацијата, иако предупредувачките показатели биле познати со години.

Тој бара да се утврди како институциите ги анализирале податоците, кои дополнителни мерки ги презеле и дали постои јавно достапна проценка на нивните резултати.

Особено внимание, според него, треба да се посвети на подрачјата со најнизок вакцинален опфат, бидејќи националниот просек може да ги прикрие разликите меѓу одделни средини.

Како неопходни мерки ги посочува активното идентификување на децата што ги пропуштиле вакцините, редовното потсетување на родителите, полесниот пристап до имунизација и континуираната едукација на здравствените работници.

„Петте случаи треба да бидат повод за темелна проценка на функционирањето на целиот систем за имунизација. Не само повод за уште еден апел до родителите“, предупредува Даниловски.

Тој порачува дека спречувањето на епидемија не започнува со појавата на првиот заболен пациент, туку многу порано, со навремено препознавање на ризиците и преземање ефикасни превентивни мерки.

„Зашто, кога една епидемија е предвидлива, прашањето за одговорноста никогаш не започнува со првиот дијагностициран пациент“, заклучува Даниловски во својата објава.