Иранските граѓани денеска излегоа на улиците низ земјата за да ја поддржат палестинската милитантна група Хамас во нејзината борба против Израел.

Голем број луѓе се собраа во Техеран на собирот на кој присуствуваа команданти на иранската армија, како и членови на Исламското движење во Нигерија, јавува иранската агенција Мехр.

Толпата извикуваше „Долу ционистичкиот режим, долу САД“ и „Смрт за Израел“.

Граѓаните се собраа во поддршка на Палестинците и во Јордан, каде голем број од нив се упатија кон границата со Западниот Брег, јавува палестинската ТВ Ал Акса.

Околу 1.000 муслимани излегоа на улиците на Куала Лумпур, главниот град на Малезија. Тие извикуваа „Слободна Палестина“, „Скршете ги ционистите“, по што запалија две фигурини обложени со израелско знаме.

„Ова израелско-палестинско прашање е повеќе од религиозно прашање, тоа е хуманитарно прашање“, рече Јасмин Хади Абдул Халим, студент кој присуствуваше на протестот, пренесува АП.

Неколку десетици луѓе се собраа и пред американската амбасада во Куала Лумпур. Митингот помина без инциденти.

Во Џакарта, главниот град на Индонезија, повеќе од 200 луѓе се собраа пред Националниот споменик, мавтајќи со транспаренти со кои се изразува поддршка за Палестинците.

Исламските лидери во Индонезија ги повикаа сите џамии во најнаселената муслиманска земја во светот да се молат за мир и безбедност на палестинскиот народ.

Десетици илјади Ирачани се собраа на плоштадот Тахрир во центарот на Багдад, веејќи палестински знамиња и палејќи го израелското знаме, додека скандираа против САД и Израел.

Во Либан, заменик-претседателот на Хезболах Наим Касем зборуваше на митинг каде што стотици луѓе се собраа во знак на солидарност со Палестинците, и рече дека партијата е „целосно подготвена“ да придонесе во борбите.

Во главниот град на Бангладеш Дака, активисти протестираа против Израел по редовната петочна молитва во главната џамија.

Припадниците на муслиманската заедница во Јапонија демонстрираа во близина на израелската амбасада во Токио, извикувајќи: „Израел, терорист“ и „Слободна Палестина“.