Каква е реалноста? Цената на млекото во малопродажба мај 2020 година 45 денари, мај 2021 година 52 денари, тоа е 15,5 проценти зголемување, потоа цената на зејтинот во малопродажба 67 денари, мај 2020 година, сега мај 2021 година 95 денари, тоа е зголемување за 42 проценти. Каква е цената на брашното, мај 2020 година 34 денари, мај 2021 година 39 денари. Бензинот бил 50, па 69 денари, па 71,5 денари и така натаму. Ова е реалноста, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното телевизиско соочување во емисијата Само вистина на Канал 5 телевизија.
Мицкоски посочи дека состојбата со економијата е поразителна, нагласувајќи дека во период од десет години односно од 2007 до 2016 година БДП растел со 3 проценти, додека пак во период од три години додека е Заев и СДСМ на власт истиот растел за 0,5 проценти.
– Е сега кога сме кај економијата се подготвува и сакам на македонската јавност реално да и ги прикажам бројките. Анализирани се два периода, првиот период е од први јануари 2007 година до 31 декември 2016 година, десет години опфатен период и вториот период е од први јануари 2018 година заклучно со 31 декември 2020 година. Во првиот период долгот, господине Заев е зголемен за 9,3 проценти, тоа е државниот долг, за 10 години, а во вториот период за 11,8 проценти. Притоа БДП пораснал во овие 3 години за 728 милиони евра, а долгот се зголемил за 1 милијарда и 696 милиони и 100 илјади евра или македонската економија и е одземена вредноста од речиси една милијарда евра, потенцираше Мицкоски.
Според него во првите десет години во тој период БДП е зголемен за 4 милијарди 185 милиони евра а долгот за 2 милијарди 720 милиони евра или зголемен е БДП за една и пол милијарда.
Значи сега е одземен БДП за една милијарда, а тогаш бил зголемен. И конечно да пресечам БДП просечно во периодот А растел со 3 проценти, а во периодот Б додека вие ја водите владата за 0,5 проценти, што значи шест пати помалку, рече Мицкоски.
Претходно претседателот на СДСМ истакна дека за четири години и три месеци СДСМ успеа да ја покачи просечната плата за над 6.000 денари, беше 20.800, сега е 28.744 денари, а со ВМРО-ДПМНЕ за шест години порасна само 1.700 денари.
Минималната плата беше 9.000 денари, некаде ја даваа и 8.000 денари, сега е 15.200, стапката на невработеност беше некаде околу 25 проценти сега е 15,9, намалена за над 9 проценти, а БДП продолжува да расте и покрај пандемијата, рече Заев.