Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вчера информираа дека располагаат само со еден функционален „Ер трактор“ авион од трите кои ги имаат. Според првиот човек на ДЗС, Џеват Селами, иако пред три дена биле повикани механичари од Шпанија да ги поправат авионите, проблемите со опремата повторно се појавиле.
Селами истакна дека едното летало треба да се сервисира, а другиот бил поправен пред три дена во Прилеп, кога оперирале два авиони.
-Ги повикав механичарите од Шпанија, тие ги поправија авионите и истиот ден работеа, но пак се појави истиот проблем. Моментално само еден авион е во употреба, а за другиот мора да почекаме до утре да видиме дали ќе може да лета или не, изјавил Селами.
Државата располага со четири функционални хеликоптери за гаснење пожари, од кои три се во рамки на МВР и еден на Армијата, како и три „ер-трактори“.
Од опрема за гаснење пожари на ниво на држава, пред три месеци директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информира дека располагаме со 105 цистерни со сопствени пумпи за гаснење, 33 автоцистерни, кои носат вода, но немаат сопствени пумпи, понатаму имаме 49 противпожарни теренски возила за гаснење пожари во шума и непристапни терени, како и 54 класични теренски возила со пумпи, 11 теренски возила, шест командни возила, две возила за превоз на луѓе и опрема и 191 пумпа.