„Немаме добиено официјална покана, но не би ја одбиле. Ќе разговараме со сите, вклучително и со Владата,“ рече Алиу, додавајќи дека политичката агенда на ДПА можеби не е идентична со онаа на владејачките партии, но дека дијалогот е неопходен.
Осврнувајќи се на резултатите од локалните избори, Алиу нагласи дека поразот на ДУИ не треба да се гледа како национална трагедија, туку како дел од нормален политички процес кој носи нови одговорности за сегашните владејачки партии.
„Многу ветувања беа дадени. Сега е време тие да се реализираат. Албанската партија во Владата нема простор за изговори и ќе ја повикуваме на отчетност,“ истакна Алиу.
На денешното собрание, ДПА формираше Координативно тело кое ќе ги води понатамошните активности на партијата. Според најавите, тоа тело ќе има задача да го следи спроведувањето на политичките ветувања и работата на функционерите на локално и централно ниво.
Демократската партија на Албанците до неодамна беше дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ. Лидерот Мендух Тачи претходно тврдеше дека на парламентарните избори таа коалиција била посилна од ВЛЕН, но последните изборни резултати го променија односот на силите меѓу албанските политички субјекти.