Според Државниот испитен центар, иако е послаба овогодинешната средна оцена во споредба со минатите години, велат дека е пореална бидејќи мерките биле заострени.

„Откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека 4 ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок“ рече директорката на ДИЦ.
Учениците најголеми шанси за препишување добиле во скопското средно училиште „Арсени Јовков“, вкупно 32-јца.

Министерката за образование Весна Јаневска најави нов начин за полагање со цел да се избегне непочитувањето на правилата за државна матура.

„Ќе инсистирам полагањето на Државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање“, истакна Јаневска.

И набљудувачите и тестаторите ќе имаат бенефиции, но и ќе сносат одговорност доколку дозволат препишување на полагањето државна матура, посочи министерката која рече дека за тоа ќе има измена во правилниците.

Средношколците кои ги видоа резултатите задоволни од полагањето.

Вкупно 14.834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет. И во двата наврати средношколци беа фатени како се допишуваат преку „Вибер“, а дел од нив и го пробија тестот уште пред да влезат на полагање.