Државниот архив и Народната банка на Република Македонија потпишаа меморандум за соработка. Целта на овој меморандум е да се зацврсти и да се прошири меѓусебната соработка, во областа на истражувањето, собирањето, обработувањето, евидентирањето, чувањето и промовирањето на архивскиот материјал значаен за централнобанкарската историја, за финансиските состојби, за развојот на банкарството и економијата на нашата земја.

Како што денеска соопштија од Државниот архив, соработката ќе се реализира преку истражување и дигитализација на архивски материјали кои се однесуваат на банките и банкарските организации, значајни за стопанскиот и економскиот развој на Република Македонија, заедничко организирање изложби и други активности од научнoистражувачката и едукативната област, издавање заеднички публикации и книги во издание на страните потписнички, како и заедничко организирање и реализација на научноистражувачка работа во архивски институции во странство, заради лоцирање, евидентирање и дигитализирање на архивскиот материјал значаен за нашиот стопански и економски развој.

Меморандумот го потпишале директорот на Државниот архив Емил Крстески и гувернерката на Народна банка на Република Македонија Анита Ангеловска Бежоска.