Државата самостојно ќе ги реализира хидроенергетските проекти „Чебрен“ и „Галиште“ на Црна Река, инвестиција проценета на околу 1,5 милијарди евра, најави премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со медиумите. За овие значајни енергетски капацитети во изминатите триесетина години пропаднаа 14 тендери, а во моментов се работи на физибилити студија.

„Чебрен“ се наоѓа во клисурниот дел на Црна Река, на околу 81 километар спротиводно од нејзиното устие во Вардар, во близина на селото Манастир и околу седум километри спротиводно од Расимбегов Мост. На овој потег веќе е изградена ХЕ „Тиквеш“, а за останатиот клисурен дел на Црна Река во претходните години биле анализирани повеќе решенија за енергетско искористување.

Во претходната студиска фаза било предвидено да се изградат две прибрански хидроелектрани со значаен акумулационен простор – ХЕ „Галиште“ со нормална кота на акумулацијата од 392 метри надморска височина и ХЕ „Чебрен“ со кота на акумулацијата од 565 метри. Во февруари 2016 година бил објавен јавен повик во „Фајненшл тајмс“ и на веб-страницата на Министерството за животна средина, на кој пристигнале 11 техничко-економски решенија од заинтересирани компании, а во 2017 година била изработена префизибилити студија за оптимално енергетско искористување на Црна Река спротиводно од ХЕ „Тиквеш“.

Расположливиот потенцијал на Црна Река досега е искористен само со изградбата на високата брана „Тиквеш“, која го опфаќа долниот дел од клисурниот потег. Акумулациите „Галиште“ и „Чебрен“ се планирани како капацитети со исклучително енергетско значење, со можност за формирање големи акумулации и за подобро искористување на проточните води на реката.

ХЕ „Галиште“ е предвидена во средишниот дел на клисурниот потег на Црна Река, на почетокот на постојната акумулација „Тиквеш“, односно 54 километри спротиводно од вливот на Црна Река во Вардар. Проектирана е со инсталирана моќност од 193,5 мегавати и годишно производство од околу 262,5 гигават-часови електрична енергија. Со изградбата на браната треба да се формира акумулација со вкупен волумен од 344 милиони кубни метри.

Премиерот најави дека, покрај хидроенергетските проекти, се планира и изградба на гасни когенеративни централи за производство на електрична и топлинска енергија. Според најавите, овие централи треба да имаат приклучоци до секој дом за снабдување со енергија, но засега не се откриени локациите каде би се граделе првите капацитети.

Во енергетскиот пакет е и ветерниот парк кај Штип, инвестиција од 400 милиони евра, кој се гради на територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш и треба да обезбедува електрична енергија за околу 100.000 домаќинства. Мицкоски соопшти и дека се преговара за уште еден ветерен парк во североисточниот дел на земјата, кој, доколку биде одобрен, би бил инвестиција од околу 800 милиони евра.