Нема да има интервенции за алкохолот и цигарите, можно е повторно да се разгледаат даночни олеснувања во транспортниот сектор

Владата внимателно ја следи состојбата со инфлацијата и разгледува мерки кои би биле во интерес на граѓаните, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали се планираат нови економски таргетирани мерки.

Според него, просечната инфлација во првите четири месеци од годинава е под 4,5 проценти и е меѓу најниските во регионот.

„Од нашата анализа, конкретно за мајската инфлација, главниот двигател на тоа зошто е таа 4,7 % на годишно ниво за мај се два сектори, односно два типа на производи. Тоа се транспортните услуги, кои се двоцифрени, над 10 %, и блиску до двоцифрени се алкохолот, цигарите и тутунските производи“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата нема намера да интервенира кај алкохолните пијалаци и тутунските производи.

„Тука јас навистина не би сакал да применувам мерки. Напротив, можеби треба уште поригорозни мерки затоа што нашата цел е да се заштити здравјето на граѓаните. Така што, во делот на алкохолните пијалаци, тутунот и цигарите, односно тутунските производи и цигарите, нема потреба од никакви мерки и еве однапред кажуваме дека тука нема да има мерки“, истакна премиерот.

Владата веќе разговара со транспортерите

Во однос на транспортниот сектор, Мицкоски посочи дека веќе се водат разговори со превозниците, бидејќи токму таму е забележан најголем раст на цените.

„Најголемиот дел е авионскиот превоз поради скапиот керозин, кој е двојно повисок. Така што, тука може да интервенираме повторно во делот на даноците“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата најпрво ќе ги анализира економските показатели за тековниот месец, по што ќе одлучи дали ќе бидат воведени нови мерки за намалување на инфлацијата.