„Остануваме на ставот дека ДУИ треба да падне како од локална власт во Тетово, Желино, Чаир, Теарце, Струга, Дебар, така и од централна. Очекуваме и другите албански партии да ги потврдат ветувањата што ги дадоа за време на предизборната кампања“, велат од Алијанса/Алтернатива.

Коалицијата АА-ААА во вториот круг оди во Чаир, Гостивар, Струга, Дебар и Теарце. Движење Беса за Тетово бара поддршка од сите партии вклучително и од АА-ААА, но на прашањето дали Беса ќе го поддржи Таравари во Гостивар, Арјанит Хоџа одговори дека гласовите на граѓаните никој не ги носи во џеб.

„Гласовите на гласачкото тело никој не може да каже дека ги има забетонирано или дека ги носи во чанта. Понудата е ставена на маса, и во Гостивар гласачите знаат дали треба да остане г. Таравари или треба да има нов градоначалник, значи, стариот што беше пред него. Тие знаат веќе како треба да се однесуваат. Ние бараме граѓаните да одлучат за програмата“, додава Арјанит Хоџа.

ВМРО-ДПМНЕ вчера уште еднаш ја потврди поддршката за сите кандидати од опозицијата, истакнувајќи дека во Куманово го поддржуваат независниот кандидат Максим Димитриевски. И СДСМ и ДУИ ја потврдија меѓусебната поддршка, освен во Арачиново каде двете партии одат во втор круг со свој кандидат.