Двајца ловџии загинаа во неделата во близина на Завидовиќи, во централна Босна, откако залутале во минско поле, потврди локалната полиција.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи на округот Зеница-Добој, Алдина Ахмиќ, рече дека смртта на двајцата мажи била потврдена откако членовите на специјалната пиротехничка екипа за цивилна заштита успеале да стигнат до нивните тела.

Тие интервенирале по пријавата за експлозија, а полицијата ги истражува околностите на оваа тешка несреќа.

Ловџиите наишле на против-пешадиска мина што се произведувала во поранешна Југославија. Шрапнелот од оваа мина е смртоносен за луѓето на растојание од повеќе од 30 метри.

Дури и четврт век по војната, БиХ е земја во која голем дел од областа е опасна поради големиот број идентификувани, но и необележани мински полиња.

Според податоците на Државниот центар за борба против мините (МАК), од 145 општини во БиХ, дури 118 имаат мински полиња од последната војна.

Се проценува дека повеќе од 75.000 мини и експлозиви  се уште демнат на нешто помалку од илјада квадратни километри, или нешто помалку од два проценти од вкупната површина на БиХ.

По војната во минските полиња во БиХ, вкупно загинале 619 луѓе, а повеќе од илјада биле повредени. 53 деминери загинале додека работеле на проекти за деминирање.