Четириесет и осумгодишен жител на тетовското село Долно Седларце е приведен по пријава дека две години во повеќе наврати барал пари од жена за да не објави нејзини приватни фотографии и видеоснимки со експлицитна содржина. Случајот го расчистува Отсекот за компјутерски криминал при СВР Тетово.

МВР информира дека З.Ѓ. бил лишен од слобода под сомнение за сторено кривично дело по член 152-а, во врска со член 24 од Кривичниот законик.

Истиот ден, жена од Тетово пријавила дека З.Ѓ. и уште едно лице без нејзина согласност споделиле и објавиле нејзини приватни фотографии и видеозаписи со експлицитна содржина. Според пријавата, материјалите потекнувале од периодот кога таа и З.Ѓ. биле во врска.

Во изминатите две години, според пријавеното, З.Ѓ. во повеќе наврати ѝ барал парични средства за да не ги објави снимките.

По судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом, при што полицијата пронашла и одзела еден мобилен телефон и еден лаптоп компјутер.

З.Ѓ. е задржан во полициска станица. Од МВР соопштуваат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.