Џипот на поранешниот генерален секретар Драги Рашковски е во сопственост на газдата на фирмата „ГБЦ Системи“, Игор Христов, кој е владин хонорарец за одржување информатички системи и еден од осомничените за набавката на софтверот за Министерството за внатрешни работи (МВР), објави „360 Степени“.

Според Јавното обвинителството, како надворешен соработник, Христов пренесувал информации за текот на тендерот.

Луксузниот џип сега веќе не е паркиран пред домот на Рашковски, а Христов во изјава за „360 Степени“ вели дека лани неговата фирма купила два половни џипа увезени од Германија, а дека едниот џип ѝ го дал на сопругата на Рашковски.

Едното возило го управувам лично јас, а второто беше планирано да го управува вработен во мојата фирма. Со оглед на тоа што во меѓувреме вработениот ја напушти мојата фирма, едно од цозилата го дадов на користење на сопругата на Рашковски. Со Рашковски се познаваме повеќе од 15 години и тој нема никаква поврзаност ниту од аспект на сопственичла, ниту од аспект на управувачка структура со мојата фирма – изјавил Христов.

За односот Рашковски-Христов говорат и договорите од Генералниот секретаријат. Христов за прв пат бил ангажиран како хонорарец уште во 2018 година и тогаш му бил исплаќан месечен хонорар од 30.000 денари. Во 2019 година потпишале нов анекс договор и хонорарот се зголемил на 35.000 денари. Лани, Рашковски и Христов направиле нов договор за хонорар од 40.000 денари, а потоа и анекс за хонорар од 50.000 денари.

Јас и моментално сум ангажиран од страна на Владата од сегашниот генерален секретар, а ангажиран сум поради моето долгогодишно искуство во работата – изјавил Христов за „360 Степени“.

Тој е меѓу тајните хонорарци чии имиња Владата одбиваше да ги објави, но откако веќе станаа јавно достапни, може да се забележи дека хонорарот на Христов сега е 39.000 денари, а намалувањето најверојатно е направено во последниве недели.

Рашковски е осомничен дека преку тендерите за софтверот го оштетил државниот буџет за околу 180.000 евра, а за делото за кое се товари предвидена е затворска казна од најмалку 5 години.