Некој „здиплил“ 30 лаптопи од Министерството за односи меѓу заедниците
Државниот завод за ревизија (ДЗР) при спроведената ревизија на финансиското работење на Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година утврдил сериозни неправилности и несоодветности во работењето и усогласеноста со законската регулатива.
Ревизорите констатирале дека не бил спроведен целосен попис на средствата и обврските со состојба на 31 декември 2024 година. Според наодите, 28 проценти од вкупните основни средства, со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не биле пронајдени. Меѓу нив се и 30 преносни компјутери, што се должи на невоспоставена пракса за задолжување на вработените со реверси.
Недостасуваат средства и документација
Ревизијата утврдила и други пропусти во евиденцијата на имотот и побарувањата. За седум моторни возила не била воспоставена сметководствена и материјална евиденција, а за побарувања од вработени во износ од 2.102 илјади денари, кои потекнуваат од периодот 2012–2020 година, Министерството не располага со документација за тоа кој должи и во кој износ.
Неправилности во финансирањето на здруженија
Во извештајот се наведува и дека во рамки на програмата за финансирање на здруженија и фондации за 2023 година биле исплатени 19.800.000 денари, односно 320.900 евра, на 33 организации. Програмата била донесена со задоцнување во октомври 2023 година, а за 138 поднесени апликации не биле обезбедени докази за спроведеното бодирање.
Дополнително, дел од документацијата била доставена на албански јазик без превод на македонски, што не е во согласност со законските одредби. Според ревизорскиот извештај, 17 здруженија, односно 51 процент од корисниците на средствата, треба да вратат 1.225 илјади денари поради недоставени докази за трошење. Дел од средствата веќе се вратени, за дел се води медијација, а за едно здружение е покрената судска постапка.
Плати без доказ за присуство и пропусти во јавните набавки
Ревизијата покажала дека за исплата на плати и надоместоци за 244 вработени биле исплатени 165.010 илјади денари. За 150 вработени, односно 61 процент, исплатата била извршена без обезбеден доказ за присуство на работа и полно работно време, иако постои електронска евиденција.
Од предвидените 2.556 работни места во Министерството, пополнети се 244, што претставува околу 10 проценти од систематизираните позиции. Според ревизорите, ваквата состојба влијае врз реалното согледување на потребните кадровски капацитети.
Во делот на јавните набавки, ревизорите утврдиле дека биле исплатени 516 илјади денари за нафтени деривати без контрола на регистарските таблички, што овозможило точење гориво и во возила кои не се во сопственост на Министерството. Исто така, во две постапки не било побарано објаснување за невообичаено ниски понудени цени, а биле фактурирани и повисоки износи од прифатените понуди без соодветна документација.
Дополнително, за договор во вредност од 11.800.000 денари за услуги од авторска агенција не биле побарани лиценци како доказ за исполнување на условите. Поради утврдените неправилности, Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и нивната усогласеност со законската регулатива.
