Ракометарите на Еурофарм Пелистер го запишаа вториот пораз во СЕХА-лигата откако денеска загубија на гостувањето кај Нексе со 29-25 во рамки на второто коло во групата А. Битолчани во понеделникот загубија и на гостувањето кај Војводина со 29-24.

Нашиот вицешампион во ниту еден момент од натпреварот во Нашице немаше предност. Нексе го диктираше резултатот, а по една серија од 4-0 поведе со 15-10. Пелистер одговори со два гола во финишот на првиот дел за на паузата да замине со резултат 15-12. Вториот дел не донесе нешто подобра игра на избраниците на Ларс Валтер, а Нексе имаше нова добра серија од 5-0 за највисоко водство од 23-16. Неизвесноста се врати, бидејќи битолчани одговорија со низа од 0-4. До крајот беа немоќни да направат нешто повеќе па Нексе заслужено тримфираше со 29-25.

Мирко Радовиќ беше најефикасен кај Пелистер со 5 гола, сите постигнати од седум метри, додека Ненад Костески постигна четири погодоци. Марко Кизиќ имаше пет интервенции на голот. Кај Нексе, најефикасен беше Иван Сршен со шест голови.

СЕХА лигата продолжува на 2.март, кога Еурофарм Пелистер во Битола ја пречекува Војводина.