Едно лице загина, а уште неколку се повредени рано утринава во експлозија во зграда во јужен Либан, изјави претставник на либанската безбедност.

Во експлозијата што се случила во градот Банафулу во близина на пристанишниот град Сидон е уништена двокатна зграда што служела како градска куќа и седиште на шиитското движење Амал.

Официјален претставник на либанските безбедносни сили изјави дека единствената жртва е синот на градоначалникот на Банафулу.

Засега не е јасно што ја предизвикало експлозијата од која се оштетени и соседните згради како и автомобили паркирани во близина.

Неименуваниот службеник вели дека можно е експлозијата да е предизвикана од дизел гориво складирано во зградата, додека според непотврдени извори во зградата имало и складиште за оружје.

Либанската армија го блокираше пристапот до локацијата, а се пребаруват урнатините за евентуални други жртви, како и за утврдување на причината за експлозијата.