Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар во текот на ноќта изврши увид во атарот на гостиварското село Неготино, каде беше пронајдено тело на засега неидентификувано починато лице закопано во дупка.

-Поради сомненија дека станува збор за жена која била претходно пријавена за исчезната со индиции дека била противправно лишена од слобода, јавниот обвинител нареди обдукција и идентификација на починатото лице и прибирање траги од лице место, информира Обвинителството.

Во текот на ноќта беа преземени повеќе истражни дејствија, по што за едно осомничено лице е одредена мерка краткотраен притвор од 48 часа за обезбедување докази за пронајденото тело, додека уште едно лице е задржано и за него се вршат проверки.

По наредба на јавниот обвинител се преземаат дејствија за целосно испитување на телото и на настанот.Важно е да се утврди идентитетот на пронајденото тело и околностите од случајот.