Во Солун одржан итен состанок за состојбата на премините кон Македонија и Турција
Грчките власти најавија пакет нови мерки за намалување на метежот на граничните премини Евзони и Кипи, откако воведувањето на новиот европски ЕЕС систем повторно предизвика долги колони и повеќечасовни чекања за патниците.
Одлуките биле донесени на работен состанок во Солун, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Константинос Гулекас, надлежен за областите Македонија и Тракија.
Како што пренесе МИА, мерките предвидуваат дополнително зајакнување на информатичките системи за побрзо спроведување на контролите, но и разгледување на можноста за поставување привремени технички решенија за олеснување на протокот на патници и возила.
На состанокот присуствувале претставници на институции, безбедносни служби и локални власти.
Гулекас посочил дека постојано расте туристичкиот и трговскиот сообраќај кон Грција, а примената на европските правила за биометриска контрола дополнително го забавува преминот на границите.
„Со европската директива за проверка на биометриските податоци на секое лице што влегува или излегува од земјата се создаваат дополнителни доцнења за време на неопходните полициски контроли“, истакнал Гулекас.
Специјални тимови денеска на терен во Евзони и Кипи
Од грчкото Министерство соопштиле дека новите мерки веднаш ќе почнат да се применуваат на терен.
За денеска биле закажани посети на специјални тимови на граничните премини Евзони, кон Македонија, и Кипи, кон Турција, со цел да се разгледа спроведувањето на дополнителните решенија договорени на состанокот.
Во тимовите ќе бидат вклучени претставници од Децентрализираната администрација Македонија – Тракија, од перифериите Централна Македонија и Источна Македонија – Тракија, како и претставници од полицијата, царината и локалните општини.
Грција признава проблеми по воведувањето на биометриските контроли
Министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Хрисохоидис, вчера изјави дека Атина мора целосно да ја применува европската регулатива за новиот систем.
Тој откри дека добил поплаки од колегите од Македонија и Србија поради огромните задржувања на границите.
Хрисохоидис објаснил дека проблемот има две причини – самиот процес на биометриска регистрација и застарената инфраструктура на грчките гранични премини.
Новиот ЕЕС систем на Европската Унија предвидува електронска регистрација, фотографирање и земање отпечатоци од прсти за државјани од земји што не се членки на ЕУ и Шенген-зоната.
