Техеран нема итни планови за одмазда на израелскиот напад во Исфахан. Според властите, воздушната одбрана соборила три дрона. Потврдија дека нуклеарните постројки се безбедни, а цел била иранската воздухопловна база, пренесува МРТ.
„Генерал-мајор Михандуст-висок воен функционер, потврди дека имало експлозии на истокот на Исфахан предизвикани од три мали дронови. Нема никакви штети. Сè е вратено во нормала“, соопштија од Иранската телевизија.
Израел без официјален коментар
Израел сè уште нема официјален коментар за нападот, иако претходно Тел Авив неколкупати повтори дека ќе возврати на Иран. Претседателката на ЕК повика двете страни да останат воздржани.
„Мора да направиме сè што е можно двете страни да се воздржат од ескалација во регионот. Апсолутно е неопходно тој да остане стабилен, а тие да се воздржат од натамошни активности“, рече Урсула Фон дер Лајен, претседателка на ЕК.
Променета агендата на Г-7
Експлозиите во Иран ја променија агендата на последниот ден од Г-7 самитот во Капри. Сепак, американскиот државен секретар Блинкен не ги коментираше најновите случувања. Неколку часа пред нападот Израел беше предупреден од Техеран дека ќе зажали доколку употреби сила.
„Во случај на каква било употреба на сила од страна на израелскиот режим, ни најмалку нема да се двоумиме да одговориме на тоа, така што ќе ги натераме да зажалат за своите постапки“, рече Хосеин Амир Абдолахиан, министер за надворешни работи на Иран.
Повик за дијалог
Блискиот исток е на раб на пропаст-предупреди шефот на ООН и повика на воздржаност и дијалог.
„Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка-би можеле да доведат до незамисливото: регионален конфликт од целосен обем, катастрофален за сите инволвирани и за остатокот од светот. Моментот на максимална опасност мора да биде време за максимална воздржаност“, нагласи Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Израелскиот премиер претходно разговараше со официјалните лица од разузнавачките единици на Мосад и Шин Бет истакнувајќи дека Израел останува посветен да ја победи терористичката оска во Газа, да ги ослободи заложниците и да ја одбие севкупната закана од Иран