Попладнево ЕМА ќе одржи прес конференција за да ги објасни подетално последните наоди.
Вакцината на Џонсон и Џонсон, позната како Јансен, во ЕУ, сѐ уште не се користи масовно во Европа, но компанијата се подготвува да го исполни својот дел од договорот со земјите на ЕУ.
Овој пат Агенцијата за лекови на ЕУ побрзо реагираше отколку со АстраЗенека откако во САД се идентификувани осум сериозни случаи на згрутчување на крвта, од кои еден со смртни последици. Вакцинирани се седум милиони лица во САД до сега со оваа вакцина.
Според ЕМА сите што развиле сериозни нус појави од вакцината на Џонсон и Џонсон се под 60 годишна возраст, повеќето се жени, а симптоми се развиваат околу три недели по вакцинацијата, за сега не се утврдени посебни ризични фактори.
Како што забележи Комитетот за фармаковигилентност на ЕМА, згрутчувањето на крвта се развива на невообичаени места во организмот, најчесто мозокот и абдоменот како и во артериите. Забележани се случаи на крварење.
ЕМА истакна дека ситуацијата е слична како со вакцината на АстраЗенека и едно од објаснувањата е имунолошка реакција кај пациентите.
Сепак ЕМА смета дека бенефитот од вакцинацијата ги надминува ризиците. На земјите членки на ЕУ ќе биде да донесат одлука дали ќе ја користат или дали ќе ја ограничат употребата на Џонсон и Џонсон на одредени возрасни и родови групи, како што некои тоа го сторија со АстраЗенека.