Европскиот парламент го претстави предлогот за нови изборни правила со кои се намалува старосната граница за остварување на избирачкото право на 16 години и се воведуваат транснационални изборни листи за кои би можеле да гласаат сите граѓани на ЕУ, без оглед на нивната земја на живеење.

Доколку ја добијат поддршката од мнозинството пратеници, новите изборни правила ќе важат од следните европски избори во мај 2024 година.

Граѓаните ги избираат своите европратеници од 1979 година. Секоја земја-членка сочинува една изборна единица во која се натпреваруваат националните политички партии или листи и чиј број на претставници во Европскиот парламент зависи од бројот на населението. Така ќе биде и на изборите за две години, со додавање на уште една, европска изборна единица која ја опфаќа цела ЕУ и од која ќе се изберат 28 пратеници. Во неа би имало европски политички партии чии листи ќе треба да бидат составени од кандидати од најмалку седум земји-членки.