Во Гостивар до денес попладне се евидентирани 109 нови заболени од контаминираната вода, со што вкупниот број случаи достигна 4.303. Во последните четири дена дневно биле регистрирани меѓу 80 и 125 новозаболени, но сè уште не може прецизно да се утврди колкав дел од нив се во рамките на вообичаената состојба, а колкав се директно поврзани со епидемијата, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.

„Акутната фаза на епидемијата во Гостивар се смирува. Во консултација со Комисијата за заразни болести одлучивме да воведеме засилен надзор за постакутната фаза“, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.

Тој ги повика матичните лекари и здравствените установи во Гостивар во наредниот период да се насочат кон следење на можната појава на хепатитис А и Е, како и на други заразни заболувања што би можеле да се јават по епидемијата. Министерството за здравство ќе испрати посебни упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари, а ќе бидат подготвени и насоки за комуникација со граѓаните.

„Ќе бидат испратени соодветни упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари. Ќе бидат дадени и насоки за комуникација со граѓаните. Од суштинско значење е раното препознавање на случаите, за здравствените институции да можат навремено и соодветно да реагираат. Капацитетите за тестирање се подготвени“, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.

Во однос на користењето на водата, Клековски повтори дека таа може да се употребува за лична хигиена, но не смее да се користи за пиење, ниту за миење и подготовка на храна.