Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ставот на Владата останува непроменет и дека протоколите не треба да бидат дел од Преговарачката рамка со Европската Унија. Според него, ова е позицијата на Владата од самиот почеток, додека Бугарија го брани спротивниот став врз основа на договореното со претходната власт.

„Ние како Влада сметаме дека протоколите не се и не треба да бидат дел од преговарачката рамка. Овој став го имаме од првиот момент до денес, но за жал ставот што го има другата страна е сосема различен, а тој став е таков поради егзибиционизмот и капитулацијата на претходната влада на СДСМ и ДУИ и преговарачкиот тим предводен од неуспешниот од Чаир“, изјави премиерот Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека уставните измени во формата во која моментално се бараат нема да се случат. Тој додаде дека е подготвен да разговара со кого било и каде било, сè додека не се пронајде трајно решение што ќе ја однесе земјата кон нејзината крајна цел.