Во Гостивар продолжува стабилизирањето на состојбата со гастроентеритис, а во текот на вчерашниот ден, 21 јули 2026 година, бил забележан значителен пад на бројот на новопрегледани пациенти. Според податоците од јавните здравствени установи, станува збор за лица кои првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис.
Во Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар биле регистрирани 60 нови прегледи на Инфективното одделение, 37 на Педијатриското одделение и 11 во Ургентниот центар, односно вкупно 108 нови прегледи. На Инфективното одделение двајца нови пациенти биле примени на болничко лекување, додека на Педијатриското одделение немало нови хоспитализации.
Во Здравствениот дом Гостивар биле евидентирани 87 прегледи во дежурната служба и 17 повици до Итната медицинска помош. На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби биле регистрирани уште три нови прегледи на пациенти од гостиварското подрачје, од кои еден бил хоспитализиран.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека во текот на вчерашниот ден продолжил континуираниот тренд на стабилизирање на состојбата. Во споредба со 20 јули 2026 година, кога во Општата болница во Гостивар биле регистрирани 183 прегледи, вчера биле евидентирани 108, што претставува намалување од околу 41 отсто.
Истовремено, бројот на прегледи во Здравствениот дом бил намален од 110 на 87 пациенти, односно за околу 21 отсто. Според Клековски, овие бројки дополнително потврдуваат дека состојбата се движи во позитивна насока.

