Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој беше позитивен на тестот за Ковид-19 во саботата, се опорави и беше негативен на вирусот, изјави неговиот лекар. Ердоган, кој на крајот на месецот ќе го прослави својот 68 роденден, во јуни ја прими третата доза од вакцината.

ПЦР тестовите се негативни во последните два дена. Мислам дека претседателот може да продолжи со редовните активности наскоро, дури и од утре, изјави главниот лекар на турската држава Серкан Топалоглу.

Симптомите на Ердоган исчезнале пред два дена и не биле откриени неправилности во тестовите на крвта, рече тој.

Првата дама Емина Ердоган, која исто така била позитивна, сè уште има благи симптоми, додаде докторот.

Турција, со население од околу 85 милиони, има регистрирано околу 12 милиони случаи на Ковид-19 и речиси 90.000 смртни случаи од почетокот на пандемијата, според официјалната статистика.

Од јануари, земјата бара седумдневна изолација за лицата кои се позитивни на вирусот со можност за карантин доколку тестот биде негативен петтиот ден.

Бројот на новозаразени лица секојдневно се зголемува во Турција во последните недели, надминувајќи 100.000, а властите тоа го припишуваат на новиот сој омикрон.

Според официјалните податоци од саботата, 52,5 милиони Турци ја примиле втората доза од вакцината, а повеќе од 25 милиони ја примиле третата, бустер доза, додека властите ѝ понатаму повикуваат на имунизација.