Турскиот претседател најави напори и за мир во Газа, додека Трамп повторно го критикуваше НАТО
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција работи на тоа Соединетите Американски Држави и Иран да постигнат заеднички јазик со цел да се зајакне глобалниот мир.
Според извештајот на Ал Џезира, Ердоган нагласил дека сите сојузници заеднички работат за да се постигне оваа цел.
Тој се осврна и на состојбата во Газа. Притоа најави напори за враќање на мирот и во тој регион.
Ердоган додаде дека актуелниот Самит на НАТО се занимава со овие клучни прашања. Воедно, изрази надеж дека разговорите ќе донесат позитивен исход.
Трамп повторно упати критики кон НАТО
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој пристигна во Анкара по повод Самитот на НАТО, повторно ја критикуваше Алијансата.
Тој изрази незадоволство од односот на НАТО кон САД, особено во контекст на војната во Иран.
„Не бевме третирани добро затоа што направивме нешто во Иран. Пред дури и да ги прашаме, тие рекоа дека нема да бидат таму“, рече американскиот претседател.
Претходно денеска, Доналд Трамп се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во рамки на Самитот на НАТО, кој годинава се одржува во Анкара.
