Република Македонија наредната година треба да биде една од тројката земји претседавачи, а во 2023 и да претседава со ОБСЕ. Претседавањето со Организацијата идната година го презема Полска, по неа Македонија, а во 2024 година на ред ќе биде Естонија.

Оттука, македонската мисија во ОБСЕ во Виена треба да биде од првокласен државен интерес, зашто таквата можност за таква промоција на македонската надворешна политика не се пружа често. Од овој септември, пак, нашата мисија треба да го води Комитетот за финансии на Организацијата, која треба да го подготви буџетот на ОБСЕ за 2022 година.

Но, наместо сериозни подготовки за претстојните обврски, Македонија се соочува со невиден дипломатски скандал во кој се вклучени дипломати токму од нашата мисија во ОБСЕ во Виена. Да биде иронијата поголема, ниту еден од нив го нема и потребното иксуство за вака одговорни задачи, иако на тоа предупредуваа и одредени медиуми, анализира ПресингТВ

-Државата се бореше да ја добие можноста да претседава со ОБСЕ, а сега кога таа позиција е добиена, повторно пројавуваме несериозен однос и во прв план не се става националниот интерес. Ако го земеме примерот на други држави кои претседавале, ќе видиме дека нивните мисии броеле и до 20 дипломати, нашата, сега за сега е извесно дека есента ќе ја дочека само со тројца дипломати, плус амбасадорот, кој е шеф на мисијата, изјавил неименуван дипломат за МКД.мк уште на 11 април годинава („Незадоволство во МНР од конкурсот за избор на дипломати за Мисијата во Виена“).

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, вчера ги суспендираше и им ги одзема дипломатските исправи на тројцата дипломати од мисијата во ОБСЕ, што најверојатно значи дека сега во неа е само амбасадорот. Може да се претпостави како тоа ќе се одрази врз подготовките на буџетот на Организацијата и каква одговорност ќе сноси нашето МНР, па и државата во целина пред останатите земји-членки.

И ова е само едната страна на медалот. Другата може да се види од пресудата на Европскиот суд за човекови права, што против Република Ерменија го покренале група Азербејџанци од Нагорно Карабах уште во 2005 година. Пресудата датира од 16 јуни 2015 година и се однесува на предметот Ширагов и други против Ерменија, а е преведена и на македонски јазик за потребите на нашето Министерство за правда и правосудството воопшто.

Предметот е поведен затоа што тужителите не добиле обесштетување за одземените нивни имоти, што било неопходно за изградба на автопатот север-југ во Нагорно Карабах, кој требало да ја поврзе областа во Азербејџан со Ерменија. А, познато е дека областа Нагорно Карабах беше основна причина за долгогодишните воени дејства и недоразбирања меѓу Ерменија и Азербејџан.

Токму за изградба на автопатот, но и за изградба на друга патна и останата инфраструктура во Ерменија и во Нагорно Карабах, во пресудата може да се види дека како главен донатор се јавуваат САД, односно УСАИД, иако главна улога имал т.н. Хајстански се-ерменски фонд. Доделената помош почнува со износи од 6, а завршува со сума од 115 милиони американски долари.

Ерменскиот „Вице Заев“, односно Левон Саргасјан, брат на поранешниот ерменски претседател Серж Саргасјан, успеал да украде и на властите да не им пријави малку над 8 милиони долари.

Виена не случајно моментно важи за главен разузнавачки центар во Европа. Блискоста на македонскиот дипломат Миле Миленковски со актуелниот директор на АНБ, Виктор Димовски, укажува на можноста и тој да е дел од разузнавачките структури.

Но, ако се има предвид дека бившата американска амбасадорка во земјава Џилијен Миловановиќ го стави Димовски на листата лица ориентирани кон Белград, тогаш основано може да се постави и прашањето дали во целиот дипломатски скандал има и одредена руска врска? Иако апсењето на Миленковски го сторија српските власти, сепак не може да се исклучи можноста приказната да има и некоја сосема друга димензија за меѓународна употреба од страна на официјален Белград.