Календарската есен во Македонија и на целата северна хемисфера ќе започне ноќеска во 02:05 часот по полноќ. Во истиот момент, на јужната хемисфера ќе настапи пролетта.

Првиот ден од есента е 266. ден во годината и ќе трае 12 часа и 7 минути. Сонцето во Скопје ќе изгрее во 6:22 часот, а ќе зајде во 18:30 часот. До крајот на годината остануваат уште 99 дена.

Почетокот на новата сезона го означува есенската рамноденица, односно моментот кога Сонцето, гледано од Земјата, го преминува небесниот екватор и го продолжува своето привидно движење кон јужната хемисфера.

По рамноденицата, на северната хемисфера деновите постепено ќе се скратуваат, а ноќите ќе стануваат подолги. Овој процес ќе продолжи до зимската краткоденица во декември.

Есента ќе трае до 21 декември во 14:50 часот, кога календарски ќе започне зимата.

Според прогнозата на синоптичарите, утрото на првиот есенски ден ќе биде ведро и постудено. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена локална облачност, а максималната температура ќе достигне 23 степени.