ETIAS системот ќе започне со примена најрано во 2027 година, поради доцнење на системот за влез/излез

Европската Унија повторно го одложи почетокот на долго најавуваниот ETIAS системот. Според последните најави од „Schengen News“, новиот датум за неговата имплементација е април 2027 година.

Ова претставува трет пат ETIAS системот да биде пролонгиран. Првично најавен за почетокот на 2022 година, а потоа одложен за мај 2025 година, сега доби нов термин.

Причина за ова одложување е поврзувањето со воведувањето на системот за влез/излез (ЕЕS).

Поврзаност на ETIAS системот со системот за влез/излез

Според информациите од Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи на Европската Унија, ETIAS системот е директно поврзан со воведувањето на системот за влез/излез.

Системот за влез/излез ќе почне постепено да се применува од октомври 2025 година. Првиот месец, земјите од Европската Унија ќе мора да регистрираат најмалку 10% од патниците. Почетно, тој ќе може да работи и без биометриски проверки. Од јануари 2026 година, сите земји-членки ќе мора да воведат целосни биометриски функционалности. Целосната имплементација треба да заврши во април 2026 година.

Преоден период и задолжителна примена

Откако системот за влез/излез ќе биде целосно функционален, ќе следи шестмесечен преоден период за ETIAS системот, од октомври 2026 до април 2027 година. Во тие шест месеци патниците ќе треба да аплицираат за дозволата, но ќе може да патуваат и без неа, под услов да ги исполнуваат другите критериуми за влез.

Системот станува задолжителен во април 2027 година за повеќето патници. Патниците кои првпат влегуваат во ЕУ по оваа дата, ќе имаат дополнителен грејс период до октомври 2027 година.

1,4 милијарди патници ќе бидат опфатени со ETIAS системот

ETIAS системот ќе важи за краткорочни престои до 90 дена во Шенген зоната. Околу 1,4 милијарди луѓе од 59 земји кои досега патуваа без визи ќе мора да имаат дозвола за влез.

Правилата се однесуваат на државите од Западен Балкан, како Србија, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Ќе важат и за патниците од САД, Австралија, Велика Британија, Украина, Јапонија, Бразил и Аргентина.

Регулативите нема да важат за патувања во Ирска, Кипар, Лихтенштајн, Норвешка, Исланд и Швајцарија.

ETIAS дозволата поврзана со пасошот и важи три години

Дозволата ќе биде валидна три години и ќе овозможи неограничени патувања. Ќе биде поврзана со пасошот на патникот, па при истекот на патниот документ ќе мора да се побара нова дозвола.

Извор: Plusinfo