Европската централна банка мора внимателно да ја води монетарната политика за да ја задржи инфлацијата под контрола, без дополнително да го забави економскиот раст, оцени гувернерот на Банката на Италија и член на Управниот совет на ЕЦБ, Фабио Панета. Тој предупреди и дека финансиските пазари можеби ги потценуваат ризиците што произлегуваат од високите цени на енергијата и геополитичките тензии.
Панета изјави дека Европската централна банка очекува инфлацијата во еврозоната да остане над три проценти до почетокот на 2027 година, иако целта на ЕЦБ на среден рок е стапката да се сведе на два проценти.
Осврнувајќи се на одлуката од јуни, тој потсети дека ЕЦБ тогаш ги зголеми каматните стапки за четвртина процентен поен, што го оцени како почетен и одмерен одговор на преовладувачките ризици од натамошно зголемување на инфлацијата.
Пазарите можеби ги потценуваат опасностите
Говорејќи на собранието на Италијанската банкарска асоцијација (ABI), Панета рече дека брзото закрепнување на финансиските пазари по шокот предизвикан од војната во Иран треба да се толкува внимателно.
„Брзината на закрепнувањето на пазарот (по шокот предизвикан од војната во Иран) треба да се толкува со претпазливост. Тоа може да сигнализира доверба во способноста на глобалната економија да ги апсорбира овие тензии“, рече Панета.
Тој, сепак, предупреди дека ваквото закрепнување може да укажува и на потценување на ризиците, што, според него, го потврдуваат повеќе економски индикатори.
„Ризиците поврзани со високите цени на енергијата, построгите финансиски услови и геополитичката неизвесност се само делумно одразени на пазарните цени“, додаде Панета.
Според него, високите пазарни вредности, растот на цените концентриран во ограничен број сегменти и континуираната геополитичка неизвесност ги прават пазарите ранливи на значителни, па дури и нагли корекции.
Расгорувањето на конфликтот на Блискиот Исток во последните денови, кое доведе до поскапување на нафтата и природниот гас, според Панета, дополнително ја потврдува кревкоста на економските перспективи.
Тој оцени дека растечките трошоци за енергијата дополнително ја влошиле економската состојба, која и претходно била обележана со слаб раст на економската активност.
Панета додаде дека од почетокот на конфликтот се забележува намалување на довербата кај потрошувачите, како и влошување на очекувањата на компаниите во услужниот сектор.
