Унапредувањето на патот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за европскиот континент, порачаа високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и американскиот државен секретар Антони Блинкен. Во тој контекст го поздравија, како што велат, компромисниот предлог меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел кревање на бугарското вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Суверената одлука на Собранието на Северна Македонија, ќе биде важна за земјата да се придвижи напред, сметаат тие.
Кога и дали Собранието ќе расправа за Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка би можело да се знае утре на редовната координација во Собранието. Тогаш, според најавите, би требало да се разговара за ова. Дел од пратениците реагираа дека материјалите доставени до Собранието се нецелосни и побараа од претседателот на Парламентот Талат Џафери да ги врати во Владата како некомплетни.
Од власта и вчера порачаа дека предлогот е добар компромис и дека чекањето не ни оди во прилог. Од друга страна, опозицијата останува на ставот дека прифаќањето на францускиот предлог ќе значи национално предавство.
-Во овој критичен момент од европската историја, обележан со неоправданата агресија спроведена од Русија против Украина, унапредувањето на патот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ е клучно за зајакнување на кохезијата и отпорноста на целиот европски континент. Водени од заедничките вредности и стандардите и одредниците на ЕУ, двете земји се подготвени да го направат следниот чекор кон членство во ЕУ, велат во заедничката изјава Борел и Блинкен.
Тие го поздравиja компромисниот предлог меѓу Северна Македонија и Бугарија, кој, како што велат, ги зема предвид интересите и грижите и на Северна Македонија и на Бугарија, а е заснован на меѓусебно почитување, доверба и разбирање.
-Овој дух на конструктивен компромис врз кој се гради европската интеграција треба да продолжи да ги инспирира сите кои се вклучени во овој историски процес, се вели во заедничката изјава.
Францускиот амбасадор во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер вели дека договорот е компромисен и оти за тоа, според него, говори и фактот што тој предизвикал незадоволство и кај другата страна.
-Вистина е дека текстот предизвика реакции и дискусии и од другата страна на границата, дури падна и владата на ова прашање, рече Бомгартнер вчера во изјава за „Сител“, додавајќи дека едно истражување во Бугарија покажало оти 60 проценти од граѓаните не го поддржуваат предлогот или се дистанцираат од него. Станува збор, нагласи тој, за компромис за кој се обидувавме да биде што поурамнотежен.
Македонските власти, се на слична линија со ваквиот став на ЕУ и САД и порачуваат дека предлогот е добар компримис. Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека чекањето нов предлог не ни е во прилог бидејќи и досега сме имале предлози кои биле или за нас целосно прифатливи, а за Бугарија неприфатливи или обратно.
-Мислам дека сега сме на точката каде што имаме компромисно решение, каде што и ние сме задоволни за некои работи, за некои помалку задоволни и Бугарија е да речеме за многу работи можеби незадоволна, изјави вицепремиерот за „Канал 77“.
Во врска со прашањето за македонскиот јазик и идентитет, вицепремиерот Маричиќ потенцира дека тоа во меѓународни рамки го имаме решено со потпишувањето на Договорот од Преспа, врз негова основа е впишано во нашата лична карта во ОбединетÐ �те Нации.
-Кој што сака може да каже, но, тоа што имаме е прифатена и усвоена од Бугарија преговарачка рамка, со заштитен македонски јазик и идентитет. Навистина ќе биде штета да пропадне шанса и прилика која не знаеме дали по неколку месеци или по неколку години ќе ја добиеме пак. Не е добро за нас да бидеме повторно тема на изборите во Бугарија, да се отвора простор за дискусија за нашата европска иднина и да собираат поени на македонското прашање кога имаме чиста ситуација во нашиот македонски јазик, прв пат во историјата на нашите односи со Бугарија, изјави вицепремиерот Маричиќ.
Опозицијата останува на ставот дека прифаќањето на предлогот ќе значи предавство. Тоа, велат од опозицијата, го знае и македонскиот народ кој јасно кажал „не“ на, како што нагласуваат, асимилаторскиот и понижувачки предлог со кој се блокира македонската интеграција во ЕУ.
-Бараме Владата да го отфрли овој предлог за кој најпрвин глумеше дека го одбила, за да после тоа на невидено да го прифати и да глуми некакви консултации со самопрогласени владини експерти кои се платени токму од Владата, односно од народот. Народот на Македонија веќе и’ ги испорача потребните консултации на Владата, односно секојдневно кажува НЕ на бугаризацијата и бришењето и исчезнувањето на македонскиот народ, изјави вчера пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
Францускиот предлог пред неколку дена Владата го достави во Собранието. Дел од пратениците реагираа дека до пратениците е доставена само информација, без ниту еден документ и побараа од претседателот на Собранието да ги врати материјалите во Владата. Велат дека Владата го крие протоколот и не ја објавува неговата содржина, а во тој Протокол се содржани клучните елементи на кои се обврзува земјава.
Вчера „Дојче Веле“ го објави Извештајот изготвен од страна на бугарското МНР за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ, во кој се наведува дека Договорот за добрососедство и Протоколот не е формален критериум за отворање или затворање на преговорите.
-Во овој поглед, нацрт-преговарачката рамка не соодветствува со Рамковната позиција од 2019 година, бидејќи имплементацијата на Договорот за добрососедство и Протоколот од чл. 12 не претставуваат формален критериум за отворање или затворање на поглавјата од преговорите. Не е предвидена улога на Советот на ЕУ (т.е. Бугарија) во оценката дали Република Северна Македонија го спроведува билатералниот протокол, а оваа оценка е препуштена на ЕК, се вели во извештајот.
Бугарското Министерство за надворешни работи е незадоволно и смета дека за нив е проблематично тоа што Северна Македонија добила „чист македонски јазик“ во Преговарачката рамка.
Во меѓувреме, вчера бугарското МНР испрати покана до министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи за одржување на годишниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија, според членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а состанокот би се одржал на 9, 10 или 11 јули во Банско.
На состанокот, според соопштението на бугарското МНР, треба да се разгледа исполнувањето на Договорот за добрососедство во изминатиов период, и да се превземат мерки за подобрување на двостраната соработка во сите сектори.
Од македонското МНР, пак, соопштија дека Османи нема да оди на Годишниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија во Банско и оти ја известиле Софија дека министерот Османи во овој период ќе се фокусира на процесот во Собранието, каде треба да се расправа за францускиот предлог.
Во земјава денеска продолжуваат протестите против францускиот предлог. Во петокот имаше едночасовна блокада пред Владата, а блокирани беа и магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп. Вчера протести немаше заради почит кон граѓаните од муслиманска вероисповед и празнувањето на Курбан Бајрам.