Европската Унија и Соединетите Американски Држави синоќа во Вашингтон потпишаа меморандум за разбирање и договорија акциски план за критични минерали.
Меморандумот за разбирање го потпишаа европскиот комесар за трговија Марош Шефчович и американскиот државен секретар Марко Рубио.
Дополнително, Шефчович и американскиот трговски претставник Џејмисон Грир се договорија за акциски план за зајакнување на отпорноста на синџирите на снабдување со критични минерали, кој отвора можност за мултилатерална трговска иницијатива со глобални партнери.
Според Европската комисија, договорот го формализира стратешкото партнерство меѓу ЕУ и САД за развој на сигурни и одржливи синџири на снабдување, опфаќајќи целосен ланец на вредност – од истражување и ископување, преку преработка и рафинирање, до рециклирање.
Предвидена е и соработка во областа на иновации, инвестиции и геолошко мапирање, како и мерки од страната на понудата и побарувачката.
Шефчович изјави дека е охрабрувачки што соработката добива конкретна форма, но нагласи дека клучниот тест ќе биде имплементацијата.
