-Имаме можност да го забраниме планираниот извоз. Ова е порака за Астра Зенека, исполнете го вашиот дел од договорот кон Европа пред да почнете со испорака на други земји, кажа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во интервју за германската медиумска група Функе.
Таа кажа дека со договорот меѓу ЕУ и Астра Зенека јасно се регулира колку вакцини ЕУ добива од погоните во ЕУ и во Британија. Таа додаде дека и покрај тоа ништо не добиле од Британците додека Унијата ним им испорачува вакцини.
Фон дер Лајен додаде дека ЕК ѝ испратила „официјален потсетник“ на Астра Зенека за ова прашање.
Европската комисија во четвртокот најави дека ќе ја активира договорната процедура за решавање на спорот со Астра Зенека чија испорака на вакцини е значително помала од првично предвидените количества.
Вакцината на Астра Зенека е една од трите вакцини одобрени во ЕУ. Нејзината употреба, меѓутоа, е нарушена од неколку проблеми, вклучувајќи го спориот почеток на испораките, постојаните проблеми во испораките и привремената забрана на употребата на неколку дена оваа недела во многу земји од ЕУ по извештаите за создавање тромбови кај некои лица кои ја примиле вакцината.
Повеќето земји го продолжија давањето на вакцината повторно вчера откако Европската агенција за лекови потврди дека препаратот е безбеден.
Астра Зенека треба во вториот квартал да испорача 70 милиони од својата вакцина, значително помалку од 190 милиони дози ветени во договорот потпишан со Унијата.
Во првиот квартал ЕУ доби околу 30 милиони дози од вакцината на Астра Зенека наместо предвидените 90 милиони.
Додека американски Фајзер ги реши своите тешкотии со производството на вакцината во европските кругови се сомнева дека Астра Зенека повеќе пати ги продала истите дози и поради тоа не е во состојба да ги обезбеди испораките за ЕУ.
Механизмот за забрана на извозот на вакцини од ЕУ беше употребен еднаш кога Италија го блокираше извозот на 250.000 дози на Астра Зенека на Австралија повикувајќи се на постојаниот недостиг и доцнењето на испораките.