Димитар Цанчев ја претставуваше Бугарија на Советот за општи работи, ЕУ27 министерски формат кој одлучува за прашања поврзани со проширувањето на ЕУ, додека истиот ден претседателот Румен Радев назначи привремена бугарска влада пред предвремените избори на 11 јули.
Бугарија стави вето на одлуката за отворање на преговори за членство во ЕУ со С. Македонија во ноември минатата година, потег што индиректно ја погоди и Албанија, друг кандидат за Западен Балкан, кој напредуваше по својот пат во ЕУ, заедно со Скопје, анализира Еурактив.
Овој потег беше изненадување за многумина, бидејќи Бугарија беше силен промотор на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, организирајќи специјален самит за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година.
Но, во меѓувреме, Скопје не успеа да го испорача билатералниот договор со Бугарија од 2017 година, ефективно блокирајќи ја работата на заедничкиот комитет чија задача е да ги среди прашањата на „заедничката историја“. Паралелно, Софија обележа нов бран антибугарски говор на омраза во Македонија.
Во 2019 година, бугарскиот парламент едногласно усвои строга декларација во која се предупредува Скопје дека Софија нема да толерира нарушување на историските настани, документи и артефакти, како и улогата и ставовите на личностите од бугарската историја.
Неколку членки на ЕУ, вклучително и Австрија, го критикуваа бугарскиот став.
Зборувајќи пред министрите на ЕУ, Цанчев рече дека Бугарија е „последната земја што треба да се увери зошто Западен Балкан еден ден треба да стане дел од ЕУ“.
– За жал, се соочуваме со проблем. Сепак, тоа не е билатерален проблем, како што очигледно мислат некои од вас. Тоа се однесува на принципите врз кои е изградена и работи нашата Унија, рече амбасадорот, пренесе Еурактив.
Според Цанчев, ова е првпат во историјата на проширувањето земја-кандидат да се залага за утврдување на условите под кои треба да се започнат преговорите за нејзиниот пристап во ЕУ.
– За првпат, имаме земја-кандидат што изјавува дека не смета дека е должна да ги почитува договорите што ги потпиша со земја-членка на ЕУ. Таквото однесување не може да се толерира затоа што е отворен предизвик за темелите на ЕУ, изјави бугарскиот амбасадор.
Сепак, Бугарија не успеа да и ги објасни на странската публика вистинските проблеми што стојат зад непријателскиот став кон Скопје. Дипломатите на ЕУ се малку свесни за антибугарските кампањи во С. Македонија и за претпоставеното соучесништво на властите во јавно обвинување на Бугарија, анализира Еурактив.
Северна Македонија мобилизира значително лобирање во круговите на ЕУ и ова дополнително ја антагонизира Бугарија, која се жали дека Скопје ги тера влијателните членки на ЕУ да ја извртуваат раката на Бугарија, наместо да ги решава проблемите со својот сосед.
Многу Бугари сметаат дека е шокантно што колегите членки на ЕУ покажуваат поголема солидарност со земја надвор од Унијата. Внатрешно, ова прашање ги доведе во прашање самите основи на солидарноста во ЕУ.
Целиот текст на Еурактив.