ЕХФ ги објави учесниците во европските натпреварувања

Европската ракометна федерација ги објави клубовите што ќе настапуваат во Лига Европа и во ЕХФ Европскиот куп. Од македонските екипи, Еурофарм Пелистер ќе биде дел од Лига Европа на ЕХФ, натпреварување во кое ќе учествуваат 32 екипи.

Тимовите ќе бидат поделени во осум групи со по четири екипи. Во следната фаза ќе продолжат двете првопласирани екипи од секоја група, како и третопласираните и четвртопласираните тимови од групите во Лигата на шампионите.

Завршниот турнир е закажан за мај 2027 година

Во следната рунда ќе играат 28 екипи, во двомеч систем дома-гости. Победниците од тие дуели, заедно со петтопласираните екипи од новите групи во Лигата на шампионите, ќе обезбедат место во осминафиналето.

Осумте победници од осминафиналните дуели ќе продолжат во четвртфиналето, а најдобрите од тие пресметки ќе се пласираат на завршниот турнир, кој ќе се одржи на 22 и 23 мај 2027 година. Ждрепката за групите во Лига Европа е закажана за 17 јули во 11 часот во Виена.

Македонските клубови во ЕХФ Европскиот куп

За учество во Лига Европа аплицираше и актуелниот победник на ЕХФ Европскиот куп, Охрид, но македонскиот тим ќе продолжи да го брани трофејот во истото натпреварување.

Охрид, Алкалоид и Бутел ќе го започнат настапот во второто коло од ЕХФ Европскиот куп, додека Тиквеш, кој доби право на учество со „вајлд карта“, ќе стартува од првото коло.

Финалните натпревари во Европскиот куп ќе се играат во двомеч, на 22 и 23 мај, како и на 29 и 30 мај. Алкалоид во 2025 година и Охрид во 2026 година се последните два победника на ова натпреварување.

Ждрепката за двојките од првата рунда ќе се одржи на 14 јули, а македонскиот шампион Вардар ќе настапува во Лигата на шампионите.