Американската полиција во моментов проверува дали во возило кај Капитол Хил, седиштето на Конгресот во Вашингтон, е пронајден експлозив, јави денеска американската телевизиска мрежа Си -Ен -Ен.

-Ова е истрага за заканата со бомба, соопшти полицијата, додавајќи дека проверува сомнителен камион во близина на Конгресната библиотека, додава телевизијата од Атланта.

Полицијата на Твитер објави дека добила пријава за сомнително возило пред Библиотеката на Конгресот и ги предупреди луѓето да се држат подалеку од оваа област, пренесе телевиизјата Си-Ен-Би-Си.

Полицијата испратила преговарачи да разговараат со заканувачот, кој се наоѓа во камионот, наведе еден од изворите.

„Во тек е истрага. Ние внимателно ја следиме ситуацијата и ќе ги ажурираме информациите на овој налог кога ќе ги добиеме оние што можеме да ги објавиме”, објави полицијата на Капитол Хил на Твитер.

Оваа неделава немаше закажана седници на Конгресот, но персоналот и натаму секојдневно оди во Капитол Хил.

Медиумите јавуваат дека полицијата ги повикала граѓаните да го избегнат просторот околу библиотеката, што се наоѓа наспроти Конгресот.

Областа околу Капитол Хил е под строга безбедносна контрола од упадот во Конгресот на 6 јануари годинава, кога таму се собраа и потоа во негп упаднаа приврзаниците на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.