Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека некои од илегалните лекови, кои беа запленети во полициска акција, биле наменети за домашниот пазар, а други за странскиот, додавајќи дека случајот произлегол од претходни оперативни постапки и вештачења мобилни телефони.

​- Дел од нив бил за македонскиот пазар, а дел, во согласност со првичните информации што ги имам, бил за пазар на територијата на нашиот сосед. Добро е што оваа постапка и акција координирано се презема во соработка со Јавното обвинителство врз основа на претходни постапки што, да речеме, сме ги почнале ефективно во рамките на телефоните што се одземени при првичната акција пред извесно време што ја имавме – изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање по дијалог-сесијата на Националната конвенција за Европската Унија.

Дополнително произлегле докази, како што рече, кои довеле до сите чекори преземени за разоктривање на криминалната група.

– Добро е што е спречена една организирана криминална група, која во изминатите години дејствувала на начин на кој дејствувала надвор од законите, внесувала на територијата на државата разни видоиви незаконска стока, да се изразам, и добро е што повеќе нема да може да го прави тоа. А се надевам дека Јавното обвинителство и судот во иднина ќе ги преземат сите оние нивни надлежности со цел на крајот да видиме правда во овој случај и да упатиме порака до сите оние коишто мислат дека се недопирливи – истакна тој.

МВР вчера соопшти детали од акцијата во која била сузбиена криминална група за криумчарење стоки и коруптивни кривични дела, при што е поднесена кривична пријава против осум лица, одземени над 100.000 евра, лекови, суплементи и други предмети.