Десет финални предлози за дизајнот на идните банкноти во евра, презентираше Европската централна банка. Започната е јавна консултација на која граѓаните можат да ги искажат своите мислења за новиот изглед на банкнотите.
Анкетата е отворена до 21 септември, а конечната одлука се очекува до крајот на годината.
Предлозите се поделени на две теми: „Европска култура“ и „Реки и птици“.
ЕЦБ вели дека предлозите се резултат на натпревар низ целата ЕУ, на кој беа поднесени повеќе од 1.200 апликации од графички дизајнери. Независно жири конечно избра десет предлози за да влезат во финалната рунда.
Доколку се избере темата за европска култура, новите банкноти ќе ги прикажат некои од најпознатите личности од европската историја на уметноста, музиката, науката и литературата.
Банкнотата од 5 евра би ја прикажала Марија Калас, грчко-американската сопранистка. Банкнотата од 10 евра би била посветена на германскиот композитор Лудвиг ван Бетовен, а банкнотата од 20 евра на научничката Марија Кири.
Мигел де Сервантес, автор на Дон Кихот, би бил на банкнотата од 50 евра. Леонардо да Винчи би бил на банкнотата од 100 евра, а Берта фон Зутнер, добитничка на Нобеловата награда за мир, би била на банкнотата од 200 евра.
Втората тема се фокусира на природата. Се нарекува „Реки и птици“ и е дизајнирана да го прикаже биодиверзитетот на Европа и меѓусебната поврзаност на природните простори што не познаваат граници.
Секоја банкнота би прикажувала различен вид европска птица покрај речен пејзаж, додека на задната страна би била прикажана една од главните институции на Европската Унија.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека европските банкноти се повеќе од средство за плаќање.
„Евробанкнотите се повеќе од средство за плаќање – тие се еден од најреалните изрази на Европа. Со дизајн што ги комбинира убавината и значењето, тие ќе го зајакнат нашиот заеднички идентитет“, рече Лагард.
Ова ќе биде првото целосно редизајнирање на евро банкнотите откако беа воведени во 2002 година. ЕЦБ вели дека новата серија банкноти има за цел да ги искористи технолошките достигнувања, да ја зајакне заштитата од фалсификување, да ја подобри достапноста за лицата со оштетен вид и да го намали еколошкиот отпечаток на банкнотите.
