Американскиот претседател Доналд Трамп изјави вечерва дека размислува за можен исклучок на Унгарија од американските санкции поврзани со руските енергетски ресурси, за време на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Белата куќа.

Размислуваме за тоа, затоа што нему му е многу тешко да набавува нафта и гас од други региони. Како што знаете, тој нема пристап до море,“ рече Трамп пред новинарите на почетокот на разговорот.

Американскиот претседател додаде дека Европа треба да ја почитува Унгарија и нејзиниот лидер, пофалувајќи го Орбан за, како што рече, „начинот на кој се грижи за својата земја и народот“.

Состанокот во Вашингтон доаѓа во момент на напрегнати односи меѓу Европската Унија и Будимпешта, особено околу прашањата за санкциите кон Русија, миграцијата и владеењето на правото.

Трамп веќе неколку пати јавно го пофалил Орбан во минатото, нарекувајќи го „силен лидер кој ја сака својата земја“.