Скопјанка и нејзиниот малолетен син, за време на посета на Градските гробишта Бутел на вториот ден од Велигден, наишле на вреќа со човечки коски оставена на патека, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Според сведоштвото на Амела Мемиш Апостоловска, дипломиран психолог и мајка на две деца, вреќата се наоѓала во непосредна близина на гробно место, а нејзиниот син дури и се сопнал од неа.
„Ги допревме со раце, мислевме дека е градежен материјал. И во тој момент сфативме што има внатре… човечки коски“, напиша таа во објава на социјалните мрежи.
Во близина, како што наведува, имало и свежо прекопан стар гроб, што упатува дека станува збор за ексхумација по истек на законскиот рок, кога не се плаќа гробарина.
Апостоловска реагира дека, иако постојат процедури за ексхумација, тие подразбираат достоинствен третман на посмртните останки.
„Ниту еден закон не дозволува човечките останки да бидат оставени на патека и изложени пред деца и семејства“, наведува таа, додавајќи дека вреќата била обележана само со број, без име и без какво било достоинство.
Таа постави и прашања до надлежните институции – кој го дозволил ваквиот начин на постапување и каде е контролата.
Објавата предизвика бројни реакции кај граѓаните, кои бараат случајот да се испита и да се утврди одговорност.
