Има моменти кога Европа мора да избере: дали ќе реагира или ќе води, денес сме токму во таков момент, порача премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска во Виена се средба со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.

– Живееме во време на преиспитување. Време кога сигурноста не се подразбира, кога енергијата станува политика и заедно со економијата се прашање на опстанок. Во такви околности, зборовите имаат помала тежина од одлуките, а декларациите вредат онолку колку што сме подготвени да ги спроведеме – порача Мицкоски.

Затоа, разговорот за економијата, трговијата и инвестициите е техничка тема, но и длабок разговор за тоа каква Европа сакаме да изградиме, додаде тој.

– Дали ќе биде континент што се прилагодува на кризите или континент што го обликува светот и правилата во светот. Нашата определба е јасна. Да градиме економија што создава, а не само троши. Да градиме држава што нуди сигурност, а не неизвесност. Да градиме систем во кој работата се исплати, а довербата има вредност. Ова не се секојдневни слогани – вели премиерот.

Ова е јасна насока, нагласи, инвестициите ги гледаме како двигател на промените.

– Промените што носат нова индустрија. Ново знаење. Нов квалитет. Нов стандард. Ние не бараме само странски инвеститори. Бараме партнерство. Бараме доверба. Бараме заедничка визија за тоа каде сакаме да бидеме за 10 години. Австрија е еден од ретките партнери со кои таа визија може да се претвори во реалност. Не единствено поради економското присуство, туку и поради конзистентноста, сериозноста и разбирањето на регионот – вели Мицкоски.